Универзитет „Св. Кирил и Методиј“Скопје

Медицински факултет

Катедра за медицина на трудот

Институтот за медицина на трудот (ИМТ) на РС Македонија, како наставна база на Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” е седиште на Катедрата за медицина на трудот (МТ) на Медицинскиот факултет. Катедрата за МТ е конституирана како самостојна во септември 2001 год. по издвојувањето на заедничката Катедра за хигиена и медицина на трудот, односно Катедрата за хигиена со социјална медицина и медицина на трудот.

По осамостојувањето Катедрата за МТ развива интензивна наставна, научноистражувачка и публицистичка дејност што овозможи нејзина национална и меѓународна промоција. За континуираниот растеж и развој на Катедрата заслужни се нејзините поранешни членови, проф. д-р Владимир Цветанов, проф. д-р Трајко Орушев, проф. д-р Бора Мијалков, ас. д-р Неда Ежова, ас. д-р Стефан Тодоров, ас. д-р Јулијана Петровска и ас. д-р Снежана Ристеска-Куч (сите вработени во ИМТ), како и актуелните членови, проф. д-р Јованка Караџинска-Бислимовска, проф. д-р Елисавета Стикова, проф. д-р Јордан Минов, проф. д-р Драган Мијакоски, проф. д-р Сашо Столески и ас. д-р Анета Атанасовска, при што од шесте актуелни членови на Катедрата, пет се вработени на различни оддели во ИМТ на РС Македонија, Скопје. Раководител на Катедрата од нејзиното осамостојување до 2020 год. е проф. Јованка Караџинска-Бислимовска, а од 2020 год. проф. Јордан Минов. 

 

Наставната дејност на Катедрата се состои од теоретска и практична настава на додипломските и последипломските студии на Медицинскиот факултет во Скопје. Теоретската и практичната настава на додипломските студии ги вклучува редовните студенти на Медицинскиот факултет од студиската програма по општа медицина, како и редовните и вонредните студенти од студиските програми на Високите школи за дипломирани медицински сестри/медицински  техничари, физиотерапевти, логопеди, инженери по медицинско-лабораториска дијагностика и дипломирани акушерки/акушери.

Наставата на последипломските студии ги вклучува теоретската и практичната настава во рамки на специјалистичките студии, како и во рамки на магистерските и докторските студии на Медицинскиот факултет (Втор и Трет степен студии на Медицинскиот факултет).

Специјализацијата по медицината на трудот, а најголем дел од нејзиниот специјалистички стаж се одвива во ИМТ, до сега ја имаат завршено повеќе од 100 доктори по медицина кои сега работат како специјалисти по МТ во мрежата на јавни и приватни здравствени установи по МТ во нашата држава. Во моментов, специјалистичкиот стаж на ИМТ го обавуваат десетина доктори на специјализација по МТ. Турнуси по МТ со различно траење во ИМТ обавуваат и докторите на специјализација и супспецијализација од сродните медицински гранки (хигиена, социјална медицина, епидемиологија и пулмологија со пневмофтизиологија).

Членовите на Катедрата за МТ се вклучени во реализацијата на наставата на магистерските и докторските студии на Медицинскиот факултет од областите на клиничка медицина и јавно здравство, а како резултат на тоа до сега се промовирани десетина магистри и доктори на науки. Во моментов, членовите на Катедрата за МТ се ментори на пет докторанди и три магистранди на Медицинскиот факултет од областите на клиничка медицина и јавно здравство.

Во рамките на научноистражувачката дејност членовите на Катедрата за МТ се вклучени како лидери и учесници во повеќе домашни и меѓународни научноистражувачки проекти, а нивните резултати се презентирани на бројни конференции и состаноци во земјава и во странство. Од особена важност во овој поглед е нивното учество во меѓунардодните мултицентрични научностражувачки проекти GA2LEN Survey и GA2LEN Survey Follow up Study (FP 6/FOOD-CT-2004-506378) (2006 – 2016) и ORCAB Project (FP7-HEALTH) ID: 242084: Improving quality and safety in the hospital: The link between organizational culture, burnout, and quality of care (2009-2014).

Актуелни научноистражувачки активности на членовите на Катедрата за МТ се штотуку завршените проекти “ХОББ и специфична професионална експозиција” (поддржан од Деканатот на Медицинскиот факултет) и  “Health Workers for Health Workers”за јакнење на капацитетите на здравствените работници во одговор на КОВИД-19 и други нови ризици, со учество на претставници од осум земји од Југоисточна Европа, организиран од ИМТ и реализиран од страна на Мрежата за здравјето на работниците на Југиоисточна Европа, поддржан од European Center for Environment and Health на Светската здравствена организација. Во тек се проектите “European Bronchiectasis Registry” (REC reference: 14/SS/1101; IRAS project ID: 165833) во кој учествуваат повеќе од 50 центри од Европа и светот, OMEGA-NET Inventory on Occupational Cohorts (COST Action 16216) во кој учествуваат центри од дваесетина земји од Европа и “Building of effective state administration authorities for control of occupational health services in Serbia and North Macedonia” (SAMRS/2021/ZB/1/8) со учество на експерти од областа на МТ од Словачка, Србија и С. Македонија, со поддршка на ЕУ Агенција за развој.

Публицистичката дејност на членовите на Катедрата за МТ е богата и разновидна, а од особена важност во овој поглед се универзитетските учебници “Медицина на трудот” под уредништво на Ј. Караџинска-Бислимовска од авторите Ј. Караџинска-Бислимовска, Ј. Минов, С. Ристеска-Куч, Д. Мијакоски и С. Столески и “Медицина на трудот” од Е. Стикова издадени од Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје, во 2011 год.

Публикации издадени последниве години чии автори се членовите на Катедрата се: “COPD and workplace” од Ј. Минов (Nova Science Publishers Inc., New York, 2016), “Бронхиектазии кај возрасни” од Ј. Минов (Институт за медицина на                          Р. Македонија, Скопје, 2018) и “Спирометријата во дијагностиката и мониторингот на болестите на респираторниот систем” од Ј. Минов (Медицински факултет, УКИМ, Скопје, 2021).

Поглавја во публикации напишани од членовите на Катедрата во последниве пет години се: “Work-related asthma” од Ј. Минов (e-book “Asthma”, 2016, www.smgebooks.com), “Occupational respiratory allergic diseases: occupational asthma” од С. Столески (T. Otsuki, M. Di Gioacchino, C. Petrarca (Eds.). “Allergy and Immunotoxicology in Occupational Health – The Next Step”, Springer, Singapore, 2020) и Occupational Skin Diseases. “Workplace Risk Assessment in Occupational Allergology” од Д. Мијакоски (T. Otsuki, M. Di Gioacchino, C. Petrarca (Eds.) “Allergy and Immunotoxicology in Occupational Health – The Next Step”, Springer, Singapore, 2020).

Членовите на Катедрата- Ј. Караџинска-Бислимовска, Ј. Минов, Д. Мијакоски и С. Столески се автори на неколку поглавја од универзитетскиот учебник “Алергологија” во уредништво на Д. Докиќ, издадена од Матица македонска, Скопје, во 2017 год..

Членовите на Катедрата за МТ се автори или коавтори на бројни стручни и научни трудови објавени во медицински часописи во земјава и во светот. Исто така, тие се автори или коавтори на бројни стручни и научни трудови презентирани на конгреси и конференции во земјава и светот. Истовремено, членовите на Катедрата се членови на уредувачките одбори на повеќе домашни и странски медицински часописи, како и членови на научни одбори на бројни домашни и меѓународни конгреси и конференции.

Во наведениот преглед се претставени најзначајните достигнувања на Катедрата за медицината на трудот при Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје, во последниве години, а постигнатите резултати во 20-годишното постоење и потребата од дополнување со млади кадри се база за нејзиниот понатамошен развој.