Одбележување на јубилеј-20 години од Колаборативен центар на СЗО, при Институт за медицина на трудот на Република Северна Македонија

На 17 ноември 2023 година, Колаборативниот центар на Светска здравствена организација (СЗО) при Институтот за медицина на трудот на Република Северна Македонија (ИМТ РСМ) , Скопје ја прослави 20-годишнината од своето назначување. Од 2003 година, Колаборативниот центар на СЗО, единствен во Р. Северна Македонија,  активно учествува во спроведување на политиките и програмите на Светската здравствена организација, придонесувајќи  кон постигнување на целите на Агендата на СЗО за здравјето на работниците на национално, регионално и глобално ниво.

Во текот на две децении, Институтот, Колаборативниот центар на СЗО, како врвна национална институција во областа на медицината  на трудот успешно спроведува  бројни активности во доменот на здравјето на работниците, давајќи експертска поддршка на релевантните институции во земјата  или со директна реализација на задачите во здравствената, едукативната и научно-истражувачката дејност.

Од 2006 година, Колаборативниот центар на СЗО, ИМТ РСМ е препознаен од СЗО како основач и координатор на Мрежата за здравјето на работниците на Југоисточна Европа  (SEENWH) – експертска мрежа со претставници од 9 земји од ЈИЕ, добро воспоставена платформа за соработка на професионалци за здравјето на работниците во регионот на Југоисточна Европа, која особено ја покажа својата вредност  за време на пандемијата COVID-19, со бројни активности на национално и регионално ниво.

Прославата на 20 годишниот јубилеј се одржа во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје со над 100 присутни учесници од земјата и странство- претставници на Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Универзитетите УКИМ-Скопје  и УГД-Штип,  Државниот инспекторат за труд, Здравствен дом Скопје, Институт за јавно здравје на РСМ, Служби за медицина на трудот, Фондот за ПИОМ,  претставници на бројни организации, партнери и соработници-Организација на работодавачи на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија, Црвен крст на Македонија, професионалните асоцијации- Македонско здружение на медицината на трудот, Здруженија за заштита при работа, Унија на  здруженијата на медицински сестри, техничари и акушерки и др. Треба да се истакне дека на свечениот настан, свој придонес дадоа претставниците на меѓународните организации- ООН, СЗО, МОТ како и членови на Мрежата за здравјето на работниците на Југоисточна Европа.

Настанот беше поддржан од Канцеларија на СЗО во Р.С.Македонија.